АудиоБМ слушни апарати и ординација за оториноларингологија

За слух

Што е звук?

За да можеме подобро да разбереме што е оштетување или редукција на слухот, прво треба да знаеме што е тоа звук, од што е составено увото и да го разбереме слушањето како процес.

Звукот кој го регистрира човековото уво се нарекува тон. Тонот се карактеризира со одредена висина и јачина. Висината на тонот ја дава фреквенцијата односно бројот на треперења во секунда и се изразува во херци (Hz). Колку бројот на треперења е поголем, толку тонот е повисок и обратно. Јачината односно интензитетот на звукот се изразува во децибели (dB).Овие две карактеристики може да се претстават на координатен систем, во кој на вертикалната оска е прикажан интензитетот на звуците изразени во децибели, а на хоризонталната оска прикажани се поедините фреквенции (од 125 до 8000 Hz).Овој графички приказ се нарекува аудиограм и ја претставува состојбата на слухот.

Што е слушање?

Слушање претставува комплексен процес на прибирање на звуци и давање на значење на тие звуци. Процесот на слушање поминува низ таканаречен аудитивен пат.

Аудитивниот пат се состои од:

1. Надворешно уво - се состои од ушна школка и надворешен слушен канал. Ушната школка со својот облик ги собира звучните вибрации околу нас и ги насочува кон слушниот канал. Исто така помага и во одредување на насоката и изворот на звукот. 
Надворешниот слушен канал има заштитна улога одн. слушниот канал на неговиот почеток содржи влакненца и лачи ушна маст (церумен) кои спречуваат влегување на страни тела (инсекти, прашина) во ушниот канал. Втората негова улога е во спроведување на звукот до ушната мембрана (мембрана тѕмпани).

2. Средно уво започнува со ушното тапанче, продолжува со коскен ланец (осикуларен ланец) составен од 3 мали ковчиња. Овој ланец го поврзува тапанчето со внатрешното уво. Кога звучните бранови ќе удрат во ушното тапанче тоа почнува да вибрира и со своето движење ги придвижува и слушните ковчиња. На тој начин звучната енергија се претвора во механичка енергија.

3. Внатрешно уво се состои од кохлеа која има облик на полжав и е исполнета со течност. Внатре во кохлеата се наоѓа сензорен рецептор т.н Кортиев орган кој содржи влакнести клетки, нервни рецептори за слушање. 
Механичката енергија создадена од ковчињата во средното уво ја придвижуваат течноста во кохлеата која ги стимулира малите нервни влакненца. Поеднини влакненца одговараат на поедини звучни фреквенции, така во зависност од висината (фреквенција) на звукот само одредени влакнести клетки ќе бидат стимулирани. Сигналите од овие влакнести клетки се претвараат во нервни импулси. Овие импулси преку кохлеарниот дел од акустичниот нерв се пренесуваат до мозокот.

4. Акустичниот нерв ги носи импулсите од кохлеата до средниот мозок потоа преку други мозочни патишта завршува во аудитивниот дел од кората на мозокот.

За нормален слух потребно е сите делови од кој се состои аудитивниот пат да функционираат правилно. Овој пат ги вклучува сите претходно опишани делови: надворешно уво, средно уво, внатрешно уво, акустичниот нерв и конекциите помеѓу акустичниот нерв и мозокот. Доколку настане оштетување на некои од овие делови, се јавува редукција на слухот. 
Редукција на слухот значи намалување на интензитетот на звуците со различни фреквенциски опсези. Од местото на оштетување на аудитивниот пат зависи типот и степенот на редукција на слухот. 
Се јавуваат три типа на редукција на слух: кондуктивен, сензоневрален и мешан тип.

1. Кондуктивен тип на губиток на слухот, се јавува кога спроведувањето на звуците низ деловите на надворешното и средното уво е попречено.

2. Сензоневрален тип губиток на слух настанува заради оштетување на внатрешното уво (кохлеата) или нервните патишта кои го спроведуваат звукот од внатрешното уво до мозокот (ретрокохлеарно).

3. Мешан тип на губиток на слух, се јавува како резултат на оштетувања на надворешното или средното уво (кондуктивен) и внатрешното уво или акустичниот нерв (сензоневрален).

Постои уште еден тип на проблем со слушањето кој се нарекува аудитивна невропатија каде кохлеата, средното и надворешното уво функционираат нормално меѓутоа постоипроблем во обработката на звуците во мозокот.
Оштетувањето на слухот може да се подели и према степенот на оштетување на слухот:
1. Лесно
2. Умерено
3. Тешко
4. Многу тешко оштетување на слухот
5. Тотална глувост

Кои се причините за настанување на оштетување на слухот?

Слушните оштетувања може да бидат последица на дејство на разни фактори и да настанат за време на:

  • пренаталниот период
  • перинаталниот период
  • постнатален период

Пренатален период - Следните причини или состојби се поврзуваат со појавата на оштетување на слухот:

  • Генетски причинители како хередитарни синдроми (Usher, Alport, Waardenburg синдром) и несиндромски генетски оштетувања на слухот.
  • Инфективни причинители: рубеола, цитомегаловирус, токсоплазмоза и сифилис
  • Токсини (олово, алкохол, екцесивно пушење и др.)
  • Лекови (цитостатици, антибиотици, антиепилептици)
  • Механички притисоци на плодот (ненормална положба на плодот, близнаци, инструментација)

Перинатален период - најчести причинители во овој период се:

  • Асфиксија на плодот
  • Интракранијално крварење
  • Хипербилирубинемија
  • Недоносеност
  • Мала родилна тежина (помалку од 1500 гр.)

Постнатален период - можни причинители во овој период се:

  • Инфекции со локализација на мозочните структури (како бактериски менингитис)
  • Инфекции на средно уво
  • Морбили(мали сипаници)
  • Ототоксични лекови, како на пример антибиотикците гентамицин, стрептомицин
  • Повреди
  • Изложеност на многу гласни звуци (на пример долготрајна изложеност на бучава над 85 децибели, 15 минути изложеност на звуци од 100 dB и една минута изложеност на звук од 110 dB предизвикува перманентно сензоневрално оштетување на слухот).

Потребно е да се истакне дека сите погоре прикажани етиолошки фактори не секогаш причинуваат оштетување на слухот. Меѓутоа, поради зголемената асоцираност на оштетувањето на слухот со изнесените фактори тие се означени како фактори на висок ризик.

Како може да се спречи настанување на оштетување на слухот?

Некои причинители кои предизвикуваат слушно оштетување може да се превенираат:

  • Имунизација. Вакцинирање против H. Influenzae (еден од причинителите на бактериски менингитис), вакцинирање против морбили.
  • Новородени со тешка билирубинемија се под ризик за развој на мозочни оштетувања (билирубинска енцефалопатија) состојба позната како керниктерус. Керниктерусот може да се превенира со користење на специјални светла (фототерапија) и со екс-сангвино трансфузија (замена на крвта).
  • Навремено лекување на инфекции на увото
  • Користење на заштитни тампони за уши или антифони при изложеност на многу силни звуци

Како влијае слухот врз развојот на говорот и јазикот?

Способност да се изразат мисли, емоции и апстрактни идеи преку изговорени зборови претставува говор. Јазикот е систем на симболи преку кои луѓето комуницираат.

Во текот на првата година од животот луѓето учат за својата средина преку искуството. Иако е незабележливо, децата со нормален слух во овој период го учат говорот и јазикот. Тоа е т.н. критичен период. Во тој временски период мозокот созрева, се создаваат милиони неврални конекции, кои при недостаток на звучна стимулација се прекинуваат, со што морфологијата и функцијата на невроните во централниот аудиторен систем се нарушува.

Но, овој штетен ефект на недостаток на звучна дразба може да се намали или да се избегне со воведување на звучна стимулација, на пример со примена на слушни апарати. Со навремена примена на слушен апарат се овозможува подобра социјална комуникација, и воедно се успорува и прогресијата на оштетувањето на слухот. 
Застапеноста на редукцијата на слухот кај новородените е релативно висока. Имено, проценето е дека едно на 300 новородени страда од умерено до тешко оштетување на слухот. Меѓутоа, од посебно значење се последиците од намалениот слух, а тие се нарушување на развојот на говорот и јазикот, и нарушување на социоемоционалниот и когнитивниот развој. Истражувањата покажуваат дека дете со лесно до умерено оштетување на слухот може да пропушти 50% од разговорите и на возраст од шест години да поседува 50 до 60 зборови. Дете со просечен слух на истата возраст поседува околу 3000 зборови. Без соодветни говорни способности, децата со тешки оштетувања на слухот може да бидат и погрешно дијагностицирани како ментално ретардирани, аутистични и т.н. 

Доколку не се изврши специфично тестирање, оштетувањето на слухот кај новородените може да остане неоткриено се до крајот на втората година од животот, со голем број на деца кои не се идентификувани се до 5-тата или 6-тата година од животот. Кај нив постапката за потикнување на развојот на говорот, јазикот и учењето ќе биде одложена, а последиците остануваат за целиот живот. Но, кога оштетувањето на слухот ќе се открие во новороденечкиот период или брзо по настанувањето на оштетувањето на слухот (кај подоцна стекнати оштетувања), децата може да имаат голем бенефит од амплификацијата (слушни апарати) и раната интервенција која ќе го олесни целокупниот развој.

Раната идентификација на слушното оштетување и брзата хабилитациона интервенција се двата клучни елементи кои ќе му дадат на детето најголема шанса за нормален развој на говорот кој пак од своја страна ќе влијае и врз подобрување на социо-емоционалниот развој, а секако и врз когнитивните способности.

Како се испитува слухот?

Денес стојат на располагање повеќе методи за рано откривање на оштетувањето на слухот уште кај новородените . Испитувањето на слухот со овие скрининг методи (отоакустични емисии, auditory brainstem response) треба да се изврши уште во породувалиштата. Најчесто се скринираат оние новородени кои имаат ризик фактор за оштетување на слухот, како на пример:

  • Престој во центрите за интензиивна нега за новородени од два или повеќе дена,
  • Синдроми за кои е познато дека доведуваат до оштетување на слухот (на пр. Алпорт, Усхер синдром, Њаарденбург синдром),
  • Фамилијарна историја за оштетување на слухот,
  • Конгенитални инфекции (на пр. токсоплазмоза, бактериски менингитис, сифилис, рубеола, цитомегаловирус, херпес вирус) и
  • Краниофацијални абнормалности (особено морфолошки абнормалности на надворешно уво).

Овој скрининг е наречен селективен скрининг. негативна страна на овој скрининг е тоа што ги пропушта афектираните деца кои немаат ризик фактор. Од тие причини најдобро е да се скринираат сите новородени без разлика дали имаат или немаат ризик фактор. Ова е т.н универзален скрининг.

Методи на испитување на слухот
Во зависност од возраста, интелектуалната попреченост, присуство на други фактори кои ќе го одредат нивото на соработка се применува соодветен тест за процена на слухот.

Тест

Процедури

Резултат

Возраст

Отоакустични емисии

Звуците се презентираат преку мала слушалица поставена во увото.
Одговорот се мери преку истата слушалица.
Не го одредува степенот на оштетување на слухот.

Ја проверува функцијата на деловите во увото (внатрешното уво)

Новородени, доенчиња, мали деца, постари деца.
Не постои потреба од седација 

Auditory brainstem response

Звуците се презентираат преку слушалици.
Одговорот се мери преку електроди поставени на главата.

Ја проверува функцијата на нервот кој го пренесува звукот од увото до мозокот и ја мери активноста на мозокот на дадениот звук

Под 3 месечна возраст без седација
Над 3 месечна возраст со седација

Бихејвиорална опсервациона аудиометрија

Бара некондициониран одговор од детето пр. трепкање со очите.
Се спроведува во звучно изолирана кабина.
Звуците од аудиометарот се презентираат преку слушалици или звучници (тонови со различна висина и јачина, говор).
Проценува степен на оштетување на слух.

Аудиограм - најтивкото ниво на кое детето одговара на звуците различни по висина

Помлади од 6 месечна возраст. Треба да се користи во комбинација со ОАЕ и АБР 

Плеј аудиометрија

Бара кондициониран одговор од детето пр. фрлање на топка во корпа.
Се спроведува во звучно изолирана кабина.
Звуците од аудиометарот се презентираат преку слушалици,  звучници или вибратор и се разликуваат по јачина и висина.
Го проценува степенот на оштетување на слухот.

Аудиограм - најтивкото ниво на кое детето одговара на звуците различни по висина

Најмалку 18 месеци

Класична тонална аудиометрија

Се спроведува во звучно изолирана кабина.
Звуците од аудиометарот се презентираат преку слушалици и вибратор и се разликуваат по јачина и висина.
Одговорот испитаникот го дава со кревање на рака кога ќе го слушне тонот.
Го проценува степенот на оштетување на слухот.

Аудиограм - најтивкото ниво на кој испитаникот одговара на звуците различни по висина

Три и пол годишна возраст и повеќе

Деца кои имаат слушно оштетување, деца кои посетуваат посебни основни училишта и деца кои се со висок ризик за оштетување на слухот потребно е еднаш годишно да се изврши контрола на слухот со некој од споменатите методи. 

Начини на корекција на оштетувањето на слухот

Нарушувањата на слухот претставуваат значаен социјален, медицински и економски проблем. Зафатени се сите возрасни групи. Се проценува дека оштетувањето на слухот според своето значење го зазема третото место помеѓу хроничните здравствени проблеми. Проблемот расте со напреднатоста на возраста што се поврзува со нормалните процеси на биоилошка инволуција. Така, епидемилошките испитувања покажуваат дека над 30% од лицата со возраст над 65 години имаат умерено до тешко оштетување на слухот. Овој процент секако е многу помал кај помладите возрасни групи, што не значи дека проблемот како целина е помал. Имено, во бројни студии е докажано дека оштетувањето на слухот во раната возраст води кон нарушување на развојот на говорот и јазикот, со што се оневозможува комуникација со детето, а сето тоа негативно ќе влијае врз социјалниот, емоционалниот и интелектуалниот развој. Праксата, но и исцрпните студии покажаа дека примената на рани и навремени рехабилитациони мерки, кои денес се достапни за секое лице со нарушен слух, го корегираат во значителна мерка слушното оштетување, а со тоа значајно допринесуваат за подобрување на целокупниот развој на детето.

Кај возрасната популација оштетувањето на слухот влијае врз квалитетот на животот. Доведува до намалување на способноста за интеракција со околината, го попречува стекнувањето на нови знаења и информации, предизвикува зголемен стрес и непотребен замор.

Повеќето слушни оштетувања се решаваат со примена на слушни помагала. Врз основа на аудиометриските испитувања, стилот на живот, потребите на самата личност, се прави индивидуална селекција и подесување на слушниот апарат.

Стандардната програма за аудитивна рехабилитацијакоја се состои од давање на информации за можностите и начинот на користење на слушните помагала, советување за тактиките на слушање, селекција и подесување на слушните апарати, ја изведуваат аудиолози и дефектолози.

Што е слушен апарат?

Слушните апарати имаат улога во амплифицирање и пренесување на звуците од увото до мозокот, и на тој начин се овозможува градење на мозочни врски потребни за обработка и разбирање на звуците. Слушниот апарат ги амплифицира одн. звуците ги прави погласни во согласност со даденото оштетување на слухот. Целта е да се обезбеди доволна амплификација на звуците со што ќе се обезбеди максимална разбирливост на говорот.

Како работи слушниот апарат?

Сите слушни апарати се дизајнирани да ја зголемат јачината на звуците кои доспеваат до ушното тапанче (membrana tympani), со основна цел подобро разбирање на говорот. За да се постигне ова слушните апарати се составени од три основни дела:

  • Микрофон - ја прима акустичната енергија (звучни бранови) и ја претвора во електрична
  • Амплификатор - процесор - електричните сигнали ги амплифицира односно ги прави погласни согласно индивидуалното оштетување на слухот и
  • Приемник - мал звучник, кој ја претвора електричната енергија повторно во акустична енергија

Какви видови на слушни апарати постојат?

Задушен слушен апарат (BTE – Behind The Ear), апаратот е поставен позади ушната школка и е поврзан со олива, тоа е силиконски дел кој влегува во увото и го спроведува звукот од апаратот во увото

Апарат кој ја зафаќа ушната школка и надворешниот слушен канал (ITE – In The Ear)

Апарат кој влегува во ушниот канал и зафаќа дел од ушната школка (ITC – In The canal) и

Апарат кој целосно влегува во каналот (CIC – Completely In The Canal).

Кои фактори влијаат на изборот на слушен апарат?

Изборот на соодветен вид на апарат се базира на повеќе фактори, кои се групирани како физички фактори и фактори поврзани со слухот.

Физички фактори

  1. Облик на надворешното уво. На пример при деформација на надворешното уво постои неможност за носење на задушен апарат.
  2. Големина и форма на надворешниот ушен канал. Доколку каналот е тесен или е искривен не може да се користи ITC или CIC. Поставувањето при ваквите случаи е отежнато и е несигурно (апаратот може да испадне).
  3. Мануелна вештина. Вадењето и ставањето на каналните апарати, а особено замената на батеријата и манипулирањето со контролата на јачината на звукот за некои лица претставува особена потешкотија.
  4. Ушна маст. При зголемено лачење на ушна маст и зголемена влажност во ушниот канал постои потреба од соодветна вентилација. Кај овие лица не се препорачуваат канални слушни апарати.
  5. При постоење на медицински проблем како на пример хронично воспаление на ушите не се препорачува користење на слушен апарат кој целосно ќе го затвори ушниот канал. Кај овие лица од големо значење е да се овозможи вентилација со користење на апарати кои нема целосно да го затворат ушниот канал. Во овој случај треба да се користат задушни апарати поврзани со индивидуални оливи на кои има изработено поголем вент отвор (отвор што дозволува поминување на воздух).
  6. Возраст. Каналните видови на слушни апарати се непогодни за мали деца заради големината на ушите и нивниот брз раст. Поради тоа постои потреба од честа изработка на нова школка, оставајќи го детето често без слушен апарат. Од таа причина за мали деца се препорачуваат задушни слушни апарати.
  7. Фактори поврзани со слухот

    1. Обликот на аудиометриската крива. Лицата кои имаат оштетување на одредени фреквенции, не на сите, на пример сочувани ниски фреквенции (ниски, длабоки тонови), а оштетени високи фреквенции (високи, тенки тонови), најдобри ефекти даваат оние апарати кои целосно не го блокираат ушниот канал.
    2. Степен на оштетување на слухот. Кај тешките и најтешките слушни оштетувања најдобар резултат даваат задушните апарати, а исто така и ја минимизираат појавата на фидбек феноменот (кој се манифестира со пиштење). Лесните и умерените оштетувања успешно се решаваат, како со задушните така и со каналните видови на апарати.
    3. Специфичните карактеристики на поедини слушни апарати: насочен микрофон, телефонска намотка (мал магнетски калем кој се наоѓа во апаратот и овозможува подобро користење на телефонот) и други помошни уреди, влијаат врз изборот на слушниот апарат.
    4. Акустичен фидбек или пиштење се јавува кога микрофонот е блиску до звучникот. Задушните апарати имаат јасна предност над помалите канални видови во однос на овој феномен на фидбек.

Колку често треба да се подесуваат слушните апарати?

  • До три годишна возраст, на секои три месеци треба да се прави проверка на слухот, слушниот апарат и оливата.
  • Кај деца под 6 месечна возраст потребни се почести контроли заради брзиот раст и потребата од промена на оливата.
  • Во текот на предучилишната возраст (3 до 6 год), контрола треба да се прави на секои 6 месеци, освен ако не се јави потреба од порана проверка (на пример промена во состојбата на слухот).

Што е кохлеарен имплант?

Кохлеарниот имплант е мала електронска направа, која обезбедува перцепција на звук кај лица со тотална глувост или со многу тешко оштетување на слухот. Имплантот е составен од надворешен дел кој е поставен позади увото и се состои од:
Микрофон, ги прима звуците од средината
Говорен процесор, ги селектира и групира звуците примени од микрофонот
Трансмитер и стимулатор/рисивер, ги прима звуците од говорниот процесор и ги конвертира во електрични импулси.

И од внатрешен дел кој хируршки се имплантира односно група на електроди кои ги собира импулсите од стимулаторот и ги праќа до акустичниот нерв.

Имплантот не може да го врати нормалниот слух, но може да му помогне на лицето со така оштетен слух да добие корисна репрезентација на звуците од средината која ќе му помогне да го разбере говорот.

По што се разликува кохлеарниот имплант од слушниот апарат?

Слушниот апарат ги амплифицира звуците со што оштетеното уво ќе може да ги прими. Додека кохлеарниот имплант го прескокнува оштетениот дел од увото и директно го стимулира акустичниот нерв. Сигналите преку аудитивните нервни патишта се пренесуваат до мозокот, каде се препознава сигналот како звук. 
По имплантацијата потребна е интензивна хабилитација, која ќе му помогне на детето да стекне говорни, јазични и социјални вештини. Исто така и возрасните кои го изгубиле слухот подоцна во својот живот имаат корист од кохлеарниот имплант. И кај нив е потребна рехабилитација која ќе им помогне да научат да ги поврзат звучните сигнали кои ги добиваат преку имплантот со звуците кои ги паметат. Најчесто им овозможува да стекнат способност да го разберат говорот само преку слухот одн. преку имплантот, без да имаат потреба да го користат видот како помош за разбирање на говорникот на пр. читање од уста.

Специјалистичка ординација за уво нос и грло "АудиоБМ - Медикал"

Unitron
  • Специјалистички ОРЛ прегледи
  • Ендоскопска дијагностика
  • Третман на заболувањата на уво, нос и грло
  • Фиберназофаринголарингоскопија
  • Третман на епистаксиТимпанометрија и стапедијален рефлекс
  • Инхалации
  • Аспирации
  • Испирање на уво со отстранувње на масен чеп (церумен)
  • Материјал за микробиолошки и лабораториски анализи
  • Ехо на синуси
  • Кабинет за слушна и говорна рехабилитација
  • Тонална лиминарна аудиометрија
  • Проверка на разбирливост на говор по адаптација на слушно помагало
  • Рехабилитација на лица со пречки во слухот и говорот
© AudioBM | 2017